Втор работен состанок на МНС

Македонскиот Национален Совет на 6-ти и 7-ми Април 2019 година во Базел, Швајцарија ја одржa својата втора работна средба.

Во рамките на средбата првиот ден беше опфатен со сеопшта панел дискусија со гости од цела Европа за и околу актуелните случувања на македонската политичка сцена, како и нови потенцијални членови на организацијата.

Македонскиот Национален Совет во дводневанта исцрпна дебата посебно внимание му посвети на престојниот попис кој власта го најавува за 2020 година, потоа начинот на гласањето на граѓаните на Република Македонија во светот и во Македонија, констатира дека на Македонија и се заканува еколошка катастрофа и се осврна на потрагата кон долгорочно решение. На крајот се разговараше за можноста за поврзување на Македонија со светот како шанса за нови инвестиции.

Советот ги зазеде следните ставови:

Попис на населението во Македонија

Бидејќи Македонија е единствената држва во светот која што дваесет години нема спроведено попис на населението, Владата на Република Македонија најави дека следниот попис би се одржал во 2020 година.
Меѓудругото претставници на Владата истакнаа дека на следниот попис ќе се попишуваат сите граѓани на Република Македонија, без исклучок, со едноставно давање на матичниот број од страна на нивни роднини, доколку граѓанинот не е пристуен во Македонија.

МНС предупредува на опасноста од овој начин на попишување! Имено, попис како статистичка алатка служи токму затоа да се избројат жители на една држава, а не нејзини државјани. Македонското МВР има податоци за секој државјанин на Република Македонија и токму затоа МНС не гледа никаква причина да се одржи ваков манипулативен попис. Тоа ќе претставува само бескорисно фрлање пари од страна на даночните обврзници.

Поради тоа МНС ги повикува сите релевантни политички сили во Македонија да го спречат овој план на Владата и сите да се заложат за попишување само на жители на Македонија. Жител на Република Македонија е секој оној кој во последната година дена не е подолго од шест месеци надвор од државата.

МНС на крајот цени дека е потребно резултатите од пописот да се споредат со базите на податоци на другите државни органи за да се утврди веродостојноста на самото попишување.

Модернизација на демократијата преку електронско гласање

Повеќе од 120 држави во светот дозволуваат гласање во странство, држави кои веројатно нашле доволно причини на своите граѓани надвор да им остават мост кон татковината со минимално учество во политичкиот живот на државата. Токму затоа ставот на МНС е дека мора да се најде едноставен начин државјаните на Република Македонија да можат да го остварат своето гласачко право без тоа за нив да претставува особена тешкотија.

Најспорен момент во целиот досегашен процес беше излезноста на гласачите, а со тоа и легитимитетот на избраните претставници во Собранието. Според наше согледување излезноста е многу мала, бидејќи тие што сакаат да го дадат својот глас требаат да патуваат и по две илјади километри до нивните локални ДКП-а, изложувајќи се на огромни поединични трошоци, а воедно и големи трошоци за македонската држава.

Постојат неколку едноставни начини како да се избегнат вакви големи трошоци, само треба да се избере соодветниот модел. Првиот се базира на „гласање преку пошта“, вториот се базира на електронско гласање.

МНС смета дека граѓаните на Република Македонија кои живеат и работат во странство на едноставен начин ќе можат да го остварат своето право на глас со конечното спроведување на идејата за електронско гласање.

Рециклирањето предизвик за иднината на Македонија

Веќе денес можат да се обработат голем број материјали на таков начин што може да се користат како секундарни суровини за нова намена. Термичко рециклирање во поголемите градови како Берлин, Њујорк и Париз се користи за далечинско (централно) греење.

МНС предлага со законски решенија да се зголемуваат стапките на рециклирање со цел да се зачуваат природните ресурси и да се намали загадувањето на воздухот во градовите.

Имаме бескрајни можности да се направат нови производи од нашите стари богатства.

МНС проценува дека е неопходно да се користат нови технологии за обработка кои ќе ни овозможат повторно да ги вратиме неискористените материјали со рециклирање во економскиот циклус.

Поврзување на Македонија со нови авионски дестинации

Според МНС треба да се воспостават летови до нови дестинации од Скопје и од Охрид. Зголемувањето на бројот на патници позитивно ќе влијае на зголемување на бројот на туристи во Македонија.

Со зајакнување на туристичката позиција и туристичките врски се зголемува и стапката на вработеност во оваа индустрија.

Туризмот игра голема и растечка улога во македонската економија. МНС проценува дека директните и индиректните влијанија на туризмот генерирале 10 проценти од македонскиот БДП.

Со нови дестинации, Македонија ќе биде почесто посетена и многу други туристи и бизнисмени ќе почнат да ја откриваат Република Македонија.

Македонскиот Национален Совет нуди професионална поддршка да се решат горенаведените проблеми со помош на големи интернационални компании, владини и невладини организации како и со деловни партнери од Република Македонија.

Ги охрабруваме сите заинтересирани да се приклучат во заедничките цели и во исто време го повикува македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија да застанат зад нив и масовно да ги поддржат овие ставови.